×

Порака

Заштита на лични податоци и користење колачиња

Оваа веб страница користи колачиња. Со користење на нашата веб страница, вие се согласувате дека можеме да ги поставиме овие типови колачиња на вашиот уред.

Погледни детали

Не се согласивте колачиња да бидат запишани на вашиот уред. Оваа одлука може да се смени.

ПРЕСИНГ БР. 58
Pin It

pdf iconПРЕСИНГ БР.58

ЧЕКАЊЕ И НАДЕЖ

Нова година. Нови почетоци. Нови соништа. Нова надеж. Чекаме да дојде Новата година. Чекаме можност за нови почетоци. Чекаме простор за нови соништа. Чекаме нова надеж. На прагот на Новата година имаме можност да се потсетиме на успесите што сме ги постигнале, предизвиците со кои сме се соочиле, одлуките што сме ги донеле... Никој не може да го врати времето назад и да ги започне работите поинаку. Но, секој може да почне да работи сега и да создаде нов „крај“. Важен е само новиот почеток. Крајот е, секако, неизвесен. Почнува нова година. Имаме можност за нови почетоци. Можеме да почнеме да работиме мудро и паметно. Да почнеме да се цениме и да се почитуваме меѓу себе! Да почнеме да соработуваме меѓу себе! Да почнеме да размислуваме за подобра иднина на инженерите! Да почнеме да креваме глас против секој оној кој не го почитува инженерскиот труд! Да го тргнеме црниот превез од очите и да почнеме да гледаме! Можеби ќе успееме да прогледаме. Да видиме дека ако бевме помудри, попаметни, поразумни, понесебични, поколегијални, немаше да ни треба ценовник за регулирање на минималните цени за инженерскиот труд! Зарем ние самите не знаеме колку чини нашиот труд? Но, бидејќи сме такви какви што сме, и бидејќи живееме и работиме таму кај што сме, очигледно е дека мора да имаме јасно нацртана црвена линија, со јасно дефинирани правила и услови на игра. Патот за да се стигне, на хартија, до црвената линија не беше воопшто лесен и едноставен. Неколку години се водеа битки, на различни нивоа, низ различни институции. А, неколегијалноста и надмудрувањата во нашата Комора само ја усложнија целата состојба. Измина тежок период исполнет со многу критики, но и пофалби. Имаше и многу дискусии, и суштински и беспредметни. Сепак, со правилно расудување и одлучување, водејќи се од желбата за подоброто „утре“, инженерите го усвоија ценовникот. Во годината кога го прославуваме 15-годишниот јубилеј на Комората, се донесе ценовникот за инженерски услуги! Историски успех за сите инженери. Победа на правдата. Крај на обезвреднувањето на трудот кое инженерите го чувствуваа на своја кожа години наназад. Искрени честитки и благодарност до сите оние кои упорно и пожртвувано работеа на ценовникот. Со чесна работа до заслужена победа! Вреди да се прослави! Велат дека целата човечка мудрост може да се опише само со два збора – чекање и надеж. Дочекавме ценовник за високоградба. Да се надеваме дека правилно ќе се применува и дека ќе го зголеми мотивот на инженерите за успешна и квалитетна реализација на голем број градежни објекти! За ценовник за нискоградба, останува да почекаме. Нека ни е среќна Новата 2023 година!

Проф. д-р Маријана Лазаревска
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“