×

Порака

Заштита на лични податоци и користење колачиња

Оваа веб страница користи колачиња. Со користење на нашата веб страница, вие се согласувате дека можеме да ги поставиме овие типови колачиња на вашиот уред.

Погледни детали

Не се согласивте колачиња да бидат запишани на вашиот уред. Оваа одлука може да се смени.

ПРЕСИНГ БР. 59
Pin It

pdf iconПРЕСИНГ БР.59

ЗА „ТОГАШ” КОГА „СЕГА” ЌЕ БИДЕ „НЕКОГАШ”

> ПРЕСИНГ БР. 13, ФЕВРУАРИ, 2013 ГОДИНА
Број тематски посветен на Еврокодови – европски стандарди за проектирање конструкции. Авторите на текстовите, искусни градежни инженери, визионерски пишуваат за овие стандарди. Одлични текстови од кои може многу да се научи. Се најавуваат работилници, обуки за инженерите и стручни собири за трансфер на занење и искуства, за да се овозможи лесна и успешна имплементација на Еврокодовите. Сите се свесни дека прифаќањето и преодот кон Еврокодови, како техничка регулатива за проектирање на конструкции во градежништвото, е исклучително важна задача за сите инженери. Авторите укажуваат дека станува збор за процес кој ќе измени многу работи во инженерската пракса и дека за вакви промени се потребни не само добри инженери, туку и компетентни луѓе на вистински места во вистинско време. Главниот и одговорен уредник, проф. д-р Горан Марковски, свесен за сериозноста и обемот на задачата пред која за прв пат е исправена Македонија, пишува: “Имајќи ги предвид крајно ограничените стручни ресурси, децениската депресија во областа на градежништвото и скромните, поточно занемарливи вложувања во научните истражувања, станува јасно дека надлежните државни институции за спроведување на стандардизацијата треба крајно сериозно и одговорно да пристапат кон решавањето на овој проблем. Наместо поделби, на и онака малкуте експерти, на позиција и опозиција, наместо недоветни реакции и користење лесно препознатлива, деструктивна итарпејовштина, треба да се покаже визионерство, сериозност, чувство за организирање тимска работа, менаџерска способност за обезбедување предуслови за работа, поттикнување регионална соработка и сл. Тука место за импровизации, манипулации, некомпетентност и авантуризам нема. Нема, затоа што грешка во еден проект значи еден погрешен објект, но грешка во стандард значи грешка во илјадници објекти.“

> ПРЕСИНГ БР. 59, ФЕВРУАРИ, 2023 ГОДИНА
Број тематски посветен на Еврокодовите.
И во овој број на ПРЕСИНГ авторите на текстовите несебично го споделуваат своето знаење и искуство за Еврокодовите. И повторно се укажува на сериозноста на задачата. И повторно се најавуваат обуки. Зошто? Затоа што и после 10 години активна едукација, истражување и практична работа на инженерите, како и “огромното залагање и вложување” од страна на надлежните државни институции, ние (инженерите) сеуште не сме целосно подготвени за успешна и непречена примена на Еврокодовите. А Еврокодовите ни “тропаат” на врата. Нема веќе простор за криење. Нема веќе време за спиење. За неколку месеци постојните правилници нема да важат. Сите објекти во државата ќе мора да бидат проектирани исклучиво според Еврокодовите. А, дел од инженерите како сеуште да спијат. Се надеваат дека ќе се одложи нивната примена. Друг дел од инженерите почнуваат да се будат и да се обидуваат да поднаучат нешто.
Секако, има и инженери кои одамна се разбудени, па свесно и успешно ги користат овие стандарди. Но, сегашноста покажува дека тешко ни одеше процесот на прилагодување кон европските стандарди. Можеби сепак оваа задача беше преобемна за нас. Можеби премногу импровизиравме. Можеби ни недостасува визионерство и серозност во работата. А можеби и немавме доволно компетентни луѓе на вистинските места во изминативе 10 години...
Тоа што било – поминало. Нема да бараме виновници за состојбата во која се наоѓаме во моментов. Сигурна сум дека можеме да излеземе од матрицата на инертност во која сме влезени, и можеме да направиме промени кон подобро. Инженерите од секогаш биле, и треба да бидат, двигатели на напредокот на една држава. На нас е да покажеме колку можеме и што можеме. За да бидеме горди “тогаш” кога “сега” ќе биде “некогаш”.

ПС. И, за да не печатиме уште еден број на ПРЕСИНГ, во 2033 година, со најави за нови обуки за Еврокодови и барања за одложување на нивната примена :)

Проф. д-р Маријана Лазаревска
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“