×

Порака

Заштита на лични податоци и користење колачиња

Оваа веб страница користи колачиња. Со користење на нашата веб страница, вие се согласувате дека можеме да ги поставиме овие типови колачиња на вашиот уред.

Погледни детали

Не се согласивте колачиња да бидат запишани на вашиот уред. Оваа одлука може да се смени.

ПРЕСИНГ БР. 60
Pin It

pdf iconПРЕСИНГ БР.60

ИНЖЕНЕРСТВО

Од сон до реалност. Од имагинација до иновација. Совршен спој на креативност и знаење. Мултидисциплинарно и конструктивно творење. Поим за „голема и одговорна“ професија. Инженерство! Минатото е сведок на голем број чуда создадени токму од (и поради) инженерите. Но, напредокот ретко кога оди по права и нагорна линија.
Во потрага по напредна технологија и практика, инженерите наидуваат на различни препреки и сопки. Неуспехот е нешто за што мора да бидат подготвени.
Несупехот мора да го искористат како мотив за создавање на подобри дела. Инженерството е област во која нема многу простор за грешки. Меѓутоа, и покрај најдобрите напори и намери, грешки се случувале и се случуваат. Сведоци сме на пропусти кои довеле до несреќи, па и до катастрофи. Сепак, и покрај сите предизвици, грешки и пропусти, инженерството во текот на целокупната човечка историја е двигател на напредокот на цивилизацијата.
Иако инженерските одлуки и активности имаат значајно и директно влијание врз сите и врз сѐ што постои, инженерите, за жал, се скоро невидливи за околината.
Парадоксално, но вистинито. Многу луѓе всушност и не знаат што сè е направено од страна на инженерите. А јавноста, најчесто ја спознава важноста на инженерите само тогаш кога ќе се случат некои несреќи или катастрофи. Голема е одговорноста на инженерите. Нивните дела се реални и видливи за сите. Порано или подоцна грешките излегуваат на виделина. За разлика од некои други професии, инженерите не можат да ги скријат грешките под земја, или да ги покријат со лисја, или да ги „префрлат“ на други, или да ги избришат, или да се надеваат дека ќе бидат заборавени. Ако работите не функционираат како што е предвидено, инженерите се осудени на пропаст.
Предизвици имало и ќе има. Денешните инженери мора да бидат способни да работат во различни културни, социјални, економски и политички средини, да работат во мултидисциплинарни тимови, да го применат своето знаење и да ја приспособат модерната технологија на барањата наметнати од одржливиот развој, ограничените ресурси, заштитата на животната средина, да научат да работат и локално и глобално со препознавање на сите можни предизвици, опасности и ризици, да применуваат холистички пристап во решавањето на проблемите, да ја преточат теоријата во практика со негување на етичките и универзалните вредности.
На 5 јуни се одбележа 20-годишниот јубилеј на манифестацијата Инженерски прстен. Признание за постигнат успех добија 12 студенти дипломирани на некој од инженерските факултети во земјава. Млади, амбициозни и полни со надеж. Очекувањата се дека и годинашните најдобри ќе бидат одлични инженери кои преку своите дела ќе остават значаен белег во модерното инженерство и дека ќе придонесат кон градење на подобра иднина и подобро општество.
Упатувам искрени честитки до сите досегашни добитници на Инженерскиот прстен! Стремете се кон постигнување на совршенство во сѐ што ќе работите! Искористете го најдоброто што ќе успеете да го најдете и обидете се да го направите уште подобро! Чекорете по патот на успехот со крената глава, чиста мисла и стремеж за прогрес! Бидете инспирација за сите околу вас! И најтивките мисли можат да создадат бура. Вие имате сè што е потребно за да изградите подобар свет!
Трудете се да создадете магија преку вашите дела! Време е да ги засукате ракавите!
На сите нас, останатите, останува аманетот: да им ја отвориме вратата кон инженерската професија, чесно и искрено да ги поддржиме, мудро и чесно да ги обучиме, достојно и несебично да им го пренесеме нашето знаење и искуство, да ги мотивираме и да ги поттикнуваме, да ги обучиме да бидат вистински инженери. Се надевам дека нема да ги разочараме.

Проф. д-р Маријана Лазаревска
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“