ОГАН. ПРИРОДЕН ИЗВОР НА ТОПЛИНА И СВЕТЛИНА.
Елемент кој отсекогаш се користел како природен симбол на животот иако тоа е единствениот елемент во кој ништо не може да живее. Суштински важен елемент кој комплетно го трансформирал начинот на живеење на луѓето. Фундаментален елемент за развој на човештвото, продлабочување на знаењето и поттикнување на напредокот во технологијата.
На многу начини огнот го претставува циклусот на животот и смртта. Затоа, огнот е повеќе од обичен елемент. Тоа е една витална и моќна сила која може да создава, но и да уништува. Во рацете на вешт мајстор, огнот може да ги претвори металите во уметнички дела. Во рацете на невнимателно дете, огнот може да предизвика пожар и да уништи сè околу него.
И развојот на нашата цивилизација може да се спореди со огнот. Слаба искра, на почеток, која се претвора во треперлив пламен за потоа да избувне во силен пожар кој постојано се шири и се зголемува.
Огнот се смета за една од најважните работи што луѓето некогаш ја откриле или сме ја добиле на подарок од Прометеј ако веруваме во митови. Како и да било, таа божествена искра постои со години. Кога се користи мудро, може да ни го осветли патот по кој чекориме. Но, ако сме невнимателни, искрата може да нè уништи за миг.
Во денешно време малку поинаку говориме за огнот и за неговите добри и лоши страни. Па, затоа може да сретнеме дефиниции за оган кој контролирано гори и може да го користиме за енергија и сл., но и за неговата неконтролирана варијанта која има уништувачко својство – пожарот.
Иако ова откритие нè направи луѓе и беше симбол за нешто свето и моќно, не научивме мудро да го користиме, не научивме да бидеме внимателни во нашето битисување, па на „своја кожа“ ја почувствувавме неговата уништувачка и разорна сила. Нешто слично како и со „тркалото“. И двете откритија се огледало на нашата постојана потреба да демонстрираме надмоќ и способност за менување на светот околу нас и нашата вродена желба да „поправаме“ работи што не ни се допаѓаат кај нас и во околината околу нас.
Па така, и во овој век на човештвото, ние – инженерите сѐ уште зборуваме за важноста на безбеден, сигурен и здрав свет и со сето наше знаење и со сите придобивки од напредокот на технологијата, се обидуваме да создадеме безбедни и сигурни објекти кои нема да ја загрозат животната средина. Користиме модерни технологии за проектирање и градење, пишуваме закони и правилници со кои ги регулираме работите и состојбите кои биле сосема нормални во минатото, го имаме на располагање целото знаење и искуство од генерациите пред нас, а дејството, на пример од пожарите на градежните објекти, сѐ уште го третираме како „нов“ товар на конструкцијата кој треба да се придружи на товарите кои вообичаено ги анализираме.
А знаеме дека пожарите тешко можеме да ги спречиме и знаеме дека можеме да градиме објекти кои ќе бидат сигурни и безбедни за користење. Само уште да сфатиме дека безбедноста не е скапа, туку е бесценета и дека започнува со свесност. А свесноста започнува со сите нас, со мудрост, чесност и искреност.