ИНЖЕНЕРСКА СИНУСОИДА
осумдесетти. Ехото на забревтаната градежна механизација од седумдесеттите неконтролирано, по малку еуфорично ги полнеше амфитеатрите на техничките факултети. По 450 бруцоши на Градежен. Не помалку и на другите. Секаде, во најголем дел одлични ученици. вистински одлични. Сите со надеж дека макотрпно здобиеното знаење ќе им овозможи остварување на младешките професионални сни. вработување, творење, надградување, растеж. дел од желбите поврзани и со докажување надвор. Но, само времено. Најчесто во некоја од неврзаните земји. онаму каде македонските градежни гиганти, благодарение на некои тогашни политички проекти, уживаа висок степен на респект и протекционизам. можност, за кус период да се реши станбеното прашање, да се создаде, за тоа време, солиден почетен капитал. верба... Не претпоставуваа нему што костумосаните хиперпродуцирани дипломци, гордо стискајќи ги в раце штотуку врачените црвени цилиндрични кутии, дека инженерската синусоида беше фазно поместена во однос на инвестициската. Не знаеја, иако можеби насетуваа. Поради честите рестрикции на струја и учењето на свеќи, поради возната пар-непар шема, поради долгите редици пред самопослугите, поради инфлацијата која им ги јадеше „Титовите“ стипендии, поради надоаѓањето на темните националистички предвоени облаци. Сомнеж...деведесетти. мрак, војни, затворени граници, санкции, депресија. време-невреме. Замрени инвестиции, затворени пазари. Градежништвото прво на удар. Се ничкоса како флексибилен кат од ударот на транзицискиот земјотрес. Се декомпонираа градежните гиганти на мали, стопански безначајни сегменти. Се расеаја инженерите како ситни честички низ почва зафатена со ликвефакција. Ги распрска кризата низ други дејности, им ја деградира вредносната крутост на непристојно, потценувачко ниво, а многумина од нив, квалитетни, едуцирани, искусни, моќни, ги расели низ Европа и другите континенти. Трајно. Затапи инженерската моќ. моќ која можеше и создаваше. Големи и сериозни дела. Неизвесност... Новото ехо ги испразни техничките амфитеатри. Наполни други. оние со егзотични имиња. Со одлични ученици. виртуелно одлични. Инженерската синусоида почна да опаѓа. високото oбразование се претвори во сурова бизнис-категорија. Почнаа да се бркаат и ценат само голи бројки. Квоти, проодности, запишани, положени, дипломирани... Квантитет, не квалитет. Никој, речиси никој не обрнуваше внимание на предупредувањата дека без инженерски кадар и тоа квалитетен кадар, нема економски просперитет, нема домашни и странски инвестиции, нема големи инфраструктурни дела. дека државата мора да изгради долгорочна стратегија, дека мора да најде начин меѓу младите да го промовира ова занимање,