ПАТНАТА ИНФРАСТРУКТУРА НА Р. МАКЕДОНИЈА – ПЕРСПЕКТИВИ, ПРЕДИЗВИЦИ ИИНВЕСТИЦИИ
Kако производ на три пати седум, бројот дваесет и еден веќе долго време се смета за симбол на совршенство. Тоа е исто така свет број во Библијата и симбол на божествената мудрост. На Запад, дваесет и една е симбол на одговорноста и зрелоста. Oвој 21 број е продолжение во успешната тригодишно постоење во кое Пресинг си го обезбеди своето место на македонскиот медиумски пишан простор етаблирајќи се како стручно списание секогаш во функција на инженерската професија. Во наредниот тригодишен период новиот уредувачки одбор ќе работи за унапредување на тој имиџ, подигнувајќи го содржински и визуелно неговиот квалитет. Главната цел ќе остане да се зголеми неговото влијание помеѓу стручната јавност. Отсега натаму, сите броеви на списанието на Комората на овластени архитекти и овластени инженери ќе бидат тематски, обработувајќи актуелни теми од нашата динамична професија.
Темата на овој број е „Патната инфраструктура на Р. Македонија – Перспективи, предизвици и инвестиции“.
Почитувани колеги,
Патиштата претставуваат крвоток на модерната цивилизација, а со тоа и предуслов за развој на општеството и стопанството. Нив ги користиме секојдневно, ги користиме кога патуваме на далечни и блиски дестинации, за работа, но и кога патуваме на одмор. Сепак патиштата имаат и поширoк општествен контекст, тие поврзуваат градови, луѓе и култури. Оттука, потребата од современа и ефикасна патна инфраструктура е реална, а инвестициите во неа - секогаш разумни. Патиштата се цивилизациска придобивка чија потреба e препознаена уште во времето на Римското Царство. Разбирајќи гo значењето, тие започнале со градење на првата патна мрежа при која се користеле некои материјали кои се користат и до денешен ден. Оттука се востановила старата поговорка дека сите патишта водат во Рим, како еден синоним за своевремено цивилизираниот свет, културен, трговски и политички центар. Via Egnatia е првата позначајна патна инфраструктура која поминувала низ овој регион. Таа го поврзувала Северното со Јужното Римско Царство и влијаела интегративно, исто како што денес европската патна мрежа ги поврзува земјите на Европската Унија, таа е нејзино врзивно ткиво. Во седумдесеттите години од минатиот век, Р. Македонија гради најголем дел од сегашната патна инфраструктура формирајќи го паневропскиот патен правец на Коридор 10, кој ја поврзува Централна Европа со југозападен Балкан. Денес истата е предмет на реконструкција, проширување и доградување. На тој начин и ние имаме можност да се доближиме до денешните културни, трговски и политички центри од Западна Европа. Модерните сообраќајници го скратуваат времето на патување, нудат поголема безбедност и удобност при патувањето. Затоа можеби требаше порано да ја разбереме оваа потреба и да се соочиме со модерните предизвици во изградбата на современата патна инфраструктура во Р. Македонија. Сепак ако желбата е искрена, а инвестициите се реални, тогаш никогаш не е доцна.Читатели на списанието Пресинг, Во овој број презентираме неколку нови рубрики и содржини кои се надеваме дека ќе го задржат вашето внимание. Во Пресинг секогаш ќе има место за авторски текстови од професионалци - инженери од академијата, но почесто и од стопанството. Наша тенденција ќе биде тој секогаш стручно и објективно да информира за теми кои се од интерес за пошироката инженерската фела.
Доц. д-р Јосиф Јосифовски
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“