×

Порака

Заштита на лични податоци и користење колачиња

Оваа веб страница користи колачиња. Со користење на нашата веб страница, вие се согласувате дека можеме да ги поставиме овие типови колачиња на вашиот уред.

Погледни детали

Не се согласивте колачиња да бидат запишани на вашиот уред. Оваа одлука може да се смени.

ПРЕСИНГ БР. 47
Pin It

pdf iconПРЕСИНГ БР.47

ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ И ГЕОТЕРМАЛНА ЕНЕРГИЈА

Енергетската ефикасност е многу повеќе од само примена на модерни изолациски материјали во фасадите. Имено, технолошкиот развој овозможи објектите да се проектираат со зголемена одржливост преку примената на алтернативните извори на енергија. Во основа, енергетската ефикасност значи користење на помалку енергија, без да се намали квалитетот на живеење користејќи современи системи, како што се: сончевите колектори, фотоволтаици и геотермални системи за греење и ладење, кои се со високи енергетски перформанси и ниска побарувачка на енергија што главно се обезбедува самостојно и од обновливи извори. Преку заедничка примена, цел е да се обезбедат сопствените енергетски потреби без еколошко влијание врз животната средина. Овие објекти се наречени „Near Zero-Energy Buildings”, што ја означува нивната самоодржлива енергетска природа или практично значи дека нивната енергетска зависност од надворешните извори е приближно нула. Како такви тие претставуваат нова генерација на објекти со повисок степен на технолошки развој во нивна изведба и знаење за делот на нивното проектирање.
Енергетската ефикасност како основна стратешка определба на европските земји е регулирана со Директива за енергетски објекти донесена во 2010 година со која се налага сите новоизградени објекти до краjот на 2020 година да бидат усогласени со неа, а сите јавни објекти да бидат „nearly zero-energy”. По речиси една деценија, кај зградите е обезбеден висок степен на одржливост со намалување на потрошувачката на енергија.
Со овој процес, категоризирани се сите објекти во енергетски класи што им помага на корисниците и купувачите да се информираат за нивната ефикасност.
Кога се во прашање зградите, повеќе од половина од вкупната потрошена енергија отпаѓа на потребите за греење и ладење. Оттука, значајна заштеда може да се постигне само со намалување на потрошувачката преку директно искористување на геотермалната топлина која патем претставува бесплатен, обновлив и еколошки извор на енергија.
Оправданоста на системот потекнува од сезонскиот режим на работа со кој топлината се апсорбира и испушта преку целата година во сезонски циклуси, на зима температурата на почвата се користи за загревање, а на лето за ладење на воздухот. Што се однесува до трошоците за изградба, истите може да се намалат ако системот се интегрира како дел од темелите и подземните ѕидови кои се во директен контакт со почвата и топлината која доаѓа од неа.
Придобивките од двојната функција на овие објекти, значат и двојна корист или поголема енергетска ефикасност. Светските искуства покажуваат дека геотермалните системи се особено економични кај големите објекти со заштеди до две третини од конвенционалните трошоци за греење, како и со ниски оперативни трошоци и трошоци за одржување.
Европските искуства во примената на геотермалната топлина како алтернативен, обновлив, еколошки и економичен извор на енергија се позитивни и бележат константен прираст. И покрај тоа што Македонија спаѓа во географска зона која има висок потенцијал за искористување на геотермалната енергија, примената на геотермалните системи во земјата е минимална што се должи и на слабата информираност.
Неодамнешното носење на хармонизираниот Закон за енергетска ефикасност од кој се очекува сериозно придвижување на работите во енергетскиот и градежниот сектор, влева надеж за подобрувањето на енергетската ефикасност во
нашата држава. Конечно се воведува енергетска контрола на објектите со што активно се делува во процесот. Очекувањата се големи, а резултатите ќе зависат од доследната имплементација на законот за што ќе треба да почекаме во наредниот период.

 

Проф. д-р Јосиф Јосифовски
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“