НАДГРАДБА НА ЗАКОНОТ ЗА ГРАДБА
Три поминати години и втора верзија на Законот за градба, а не сме никаде подалеку од претходно.
Ова е првиот впечаток по однос на предложените решенија во најновиот (надграден) текст на Законот за градба.
Постапката за носење на нов Закон за градба започна есента 2017 година, откако се усвои акцискиот план и се формираше координативно тело одговорно да обезбеди транспарентност и инклузивност во подготовката. По повеќе од една година и ниту една одржана дебата или трибина, во јануари 2019 година без претходна најава, Законот за градба беше поставен на ЕНЕР од предлагачот како конечен текст пред неговото носење во Собранието. Откако повеќе институции и компании укажаа на воочените недоследности, Законот беше повлечен и вратен за расправа во професионалните комори и здруженија. На овој повик стручната фела одговори со голем број свои предлози за подобрување на текстот, по што Законот беше повлечен за доработка.
По уште една измината година, во декември 2020 година се објави надградена верзија на предлог-законот која во суштина е идентична на претходната само со минимални измени. Во неа има повеќе недоречености или недоследности, а не се земени предвид многу од укажувањата на стручната фела.
Од прегледот на Законот веднаш се добива впечаток дека недоволно прецизно е регулиран делот на градбите од транспортната инфраструктура. Во него недостигаат одредени специфики кои се карактеристични за овие градби. За значењето на инфраструктурата најдобро говорат ефектите од капиталните инвестиции врз економијата, затоа предлог-текстот треба да се унапреди со појасно дефинирање на условите за градба на овие објекти, да се прошири листата на проекти и работи кои се изведуваат, како и да се измени членот кој предвидува како одговорни за инфраструктурните објекти покрај градежните инженери, да бидат и архитектите.
Друга позначајна измена во Законот е укинувањето на одредени стручни овластувања. Овој потег e дискутабилен од правен аспект поради фактот што без јасна аргументација се одземаат веќе стекнати права на инженерите. Во основа овој предлог претставува чекор назад од 12-годишната успешна практика која го оправдува нивното постоење.
Гледано пошироко, со цел да се обезбеди подобар квалитет на градбите, регионалните комори и европските држави поддржуваат концепт според кој овластувања се издаваат во потесни области.
Со Законот се укинуваат и овластувањата за стручен надзор и ревизија. Во него правото за стручен надзор и ревизија директно се поврзува со овластувањето за проектирање, што е невообичаено бидејќи за нив треба да се поседува различно искуство и компетенции. Паралелно на ова се зголемува времето потребно за стекнување на овластувањето, за кое дополнително се предвидува и полагање на државен стручен испит. Ова ќе значи дека секој градежен инженер со овластување за проектирање, по извесен временски период и положен државен стручен испит, ќе може да проектира, ревидира, гради или да врши надзор на различни градби (на пр. геотехнички, хидротехнички, инфраструктурни и објекти од високоградбата).
Помеѓу членовите во Законот за градба останува и оној кој предвидува дополнителна стручна ревизија, која сега се предвидува само за градбите од највисока категорија. Нејзината оправданост е тешко да се утврди, но доколку се прифати како мерка за обезбедување на квалитет за најсложените градби, препорачливо е да ја спроведат стручни лица од соодветната област избрани според посебни критериуми, наместо правни лица (научни институти) како што е пропишано. Дополнително, за да се подобри квалитетот на градбите, можеби законодавачот треба да размисли да ја воведе и одговорноста од вршење на дејност, преку која ќе се санкционираат професионалните грешки и финансиски ќе се покриваат настанатите штети.
Законот за градба е во крајна фаза од неговата подготовка, а досега постапката не беше најтранспарентна и во неа недостигаше стручна дебата. Сите забелешки и предлози од Комората и другите професионални здруженија доставени до надлежното министерство се во насока да се помогне во носењето на општоприфатливо законско решение и во наредниот период се очекува посериозно да се вклучи и стручната јавност преку организирање на широка дебата со сите засегнати страни.